СЕНЗОРНА ИНТЕГРАЦИЈА

Поимот сензорна интеграција е невролошки процес кој се однесува на начинот на кој ги примаме, обработуваме/организираме и соодветно одговараме на информациите од средината која не опкружува примени преку нашите сетила. Постојат неколку сетила (сензорни системи) со кои сме добро запознаени, лесно воочливи, како што се: сетилото за вкус, мирис, вид, слух и допир. Но, постојати помалку познати сетила, скриени, како што се: вестибуларно сетило (движење, рамнотежа), проприоцепција (позиција на телото, движење на мускулите и зглобовите) и интероцепција (сетило кое ни овозможува да разбереме што се случува внатре во нашето тело). Најчесто за сетилата размислуваме како на посебни единици, меѓутоа тие работат заедно и ни даваат целосна слика за светот околу нас и нашата улога во него. Нашите сетила се интегрираат за ние да имаме целосна слика за тоа кои сме, каде сме и што се случува околу нас. Сензорниот внес на информации се остварува преку органи за примање на информациите кои се наоѓаат во секој дел од нашето тело наречени рецептори. Рецепторите ја претвораат енергијата од надворешните и внатрешните опкружувања во електрични импулси кои се пренесуваат низ влакната на сензорните неврони до мозокот. По обработувањето и организацијата на информациите, импулсите се пренесуваат преку моторни неврони назад до мускулите и органите во вид на соодветен одговор (на пример, вашето дете ги користи информациите за да превземе акција: пишување, читање и сл.). На пример, допирате рингла. Рецепторите во вашата дланка ја испраќаат таа информација до мозокот. Мозокот ја обработува информацијата за да ви помогне да одлучите дали тоа чувство е пријатно или непријатно, на пример, дали допирањето на топла рингла прави да се чувствувате добро или прави да се чувствувате лошо? Ако ринглата е жешка, вашиот мозок „ќе ви каже“ брзо да ја тргнете раката.
Секој ден примаме информации од нашите сетила: кога одиме по улицата, кога го посетуваме маркетот, кога јадеме, кога ги миеме лицето и рацете, кога се облекуваме итн. За светот учиме преку нашите сетила и преку интеракција со средината која не опкружува. Децата истражуваат и играат и на тој начин учат за средината која ги опкружува, на пример, осознаваат од што може да се повредат, од што може да се изгорат, да внимаваат како се однесуваат со нежните работи и предмети, кои работи можат да се јадат, а со кои работи може да се игра. Овој процес на истражување продолжува во текот на целиот живот. Ние константно истражуваме и откриваме нови работи – движења, мириси, вкусови, чувства и сл. За повеќето, сензорната интеграција се случува природно, без да размислуваме за неа, мeѓутоа, за некои луѓе сензорната интеграција се случува неефикасно. Дали познавате дете кое цело време се движи, се турка, или ги џвака работите. Ракавите на неговата блуза и јакна секогаш се мокри од што ги џвака. Кога зборува со луѓе има тенденција да се турка во нив. Или познавате дете кое не сака да го прегрнуваат или бакнуваат. Тоа се вознемирува кога друго дете ќе се турне во него. Не сака да носи чорапи или не сака кога има белешки на облеката. Зошто првото дете секогаш џвака нешто? Зошто второто дете не сака да го допираат? Зошто децата различно реагираат на различни дразби околу нив? Нарушувањата во сензорната интеграција се резултат на невролошка дисорганизација која го зафаќа процесирањето на нервниот систем на неколку различни начини. Мозокот не ги прима информациите, или информациите кои ги прима се неконзистентни, или сензорните информации не се интегрираат соодветно со други сензорни информации од другите сензорни системи на начин на кој поединецот не добива добра и прецизна информација за себе во светот. Како резултат на тоа детето може да избегнува стресни и збунувачки стимулации или да бара повеќе стимулации за да може да сфати што се случува, светот им изгледа како непредвидливо, опасно и фрустрирачко место. Нарушувањето на сензорна интеграција не е болест и нема да се влоши со тек на времето, меѓутоа влијанието кое го има врз детето може да се зголеми. Но со соодветна терапија, терапија на сензорна интеграција, состојбата на детето може значително да се подобри. Се работи за третман кој се заснова на игра, во специјално опремена просторија која нуди широк опсег на стимули, во средина која е пријатна за децата и истовремено им помага на индивидуите да ги развијат и организираат своите сетила, да ги развијат социјалните, емоционални, моторни и когнитивни вештини, подобрување на вниманието и концентрацијата, во рамките на безбедна средина која ја подобрува нивната самодоверба.

Дипл. специјален едукатор и рехабилитатор,
Нада Костоска

Поврзани информации: