Меѓународна Конференција за АДХД под наслов “Од стигма до успех”

На 01 и 02 Декември 2017 година во Загреб, Р.Хрватска се одржа првата Меѓународона Конференција за АДХД организирана од страна на Здружението “Будење”. Конференцијата се одржа под покровителство на Градоначалникот на град Загреб и Министерството за здравство, а своја поддршка дадоа и Министерството за Образование како и Туристичката заедница на Загреб.  За успешноста на оваа Конференција придонесоа обраќањата на видни личности кои се занимаваат со оваа проблематика.

  • Марко Ферек – Претседател на Здружение “Будење”
  • Г-ѓа Сања Хорватич – Советник во Министерство за Образование
  • Проф. Сања Јеловчич – Претставник на Агенција за Образование
  • Проф. Д-р. Снежана Секушак Галешев – Продеканка при Едукациски Рехабилитационен Факултет во Загреб

Ни претставува огромна чест што свои претставници и говорник имаше и Здружението “Во Мојот Свет”. Со свое излагање Александар Стојановски раководителот на центарот за Сензорна терапија, ги претстави активностите на Здружението, работата на Центарот, а се дискутираше и за состојбата на децата со АДХД во Македонија.

Во текот на конференцијата нашите стручни лица Деф.Татјана Багеска и Лог.Елена Шиндеска учествуваа на работилниците кои што беа организирани од тренери и стручни лица од Хрватска.

Учеството на конференцијата беше искористена во насока на остварување средби и состаноци со Едукациско рехабилитациониот факултет во Загреб со продеканката Проф. Д-р. Снежана Секушак Галешев за склучување договор за соработка и разменување на искуства и посета на стручни лица, како и одржување на обуки се со цел едукација на стручните лица кои што се вклучени во работа со АДХД проблематиката.

Посебно би сакале да ја истакнеме посетата на Центарот за рехабилитација “Silver” за кои што  можеме да кажеме дека се едни од ретките ако не и единствени во регионот со максимално професионална опрема и врвно обучени кадри за работа со деца со пречки во развојот. На состанокот беше договорена интензивна соработка во иднина.

На крајот би сакале да упатиме честитки и голема благодарност до организаторот на оваа Конференција, Здружението Будење за оваа прекрасна можност да се присуствува на еден ваков настан каде што беа презентирани најновите сознанија и техники за третман на децата и лицата со АДХД синдром.