Панел Дискусија на тема “Да се живее и старее со аутизам, Британски и македонски искуства”

По повод 3-ти Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, во организација на Универзитетот American College и здружението Во Мојот Свет, на катедрата за психологија при Универзитетот се одржа панел дискусија на тема “Да се живее и старее со аутизам” на која што учество земаа Проф. Д-р Елизабета Мукаетова – Ладинска, Проф. Др. Марија Ралева – претставник на здружението и професор на државна универзитетска клиника за психијатрија од Скопје, и Милка Мукаетова – млад истражувач од Македонија.

Кратко резиме од панел дискусијата:                                                                                                                          Просечната возраст на светското население постојано се зголемува, гледанo од бројот на луѓе што имаат над 60 години и се очекува оваa бројка да се зголеми за трипати во периодот од 2000 до 2050 година. Во европскиот регион, просечниот животен век во многу земји веќе надминува 80 годишна возраст за жени и 75 годишна возраст за мажи. Ова непроценливо достигнување нуди можности од една страна, и предизвици од друга, за индивидуите, нивните семејства и општеството во целост. Слични трендови, исто така, се забележуваат и за лицата со аутизам. Во моментов постојат многу малку статистички податоци во врска со возрасната популација за аутизам глобално, но ѝ кај нас. Истражувањата упатуваат на тоа дека стапката на преваленција е прилично конзистентна кај сите возрасни групи, при што 1 од 150 постари лица со голема веројатност е засегнато со проблемот на аутизмот. Поради тоа светот се соочува со предизвиците со кои се соочуваат лицата со аутизам во процесот на стареење.