Одбележан 3-ти декември – меѓународниот ден на лицата со инвалидност

DSC04849_s

По повод 3-ти декември 2014 година – меѓународниот ден на лицата со инвалидност, во свечената сала на ректоратот на УКИМ се одржа тркалезна маса на која учествуваа претседателите на националните организации за лица со инвалидност, членови на НСИОМ, голем број на професори, советници во владата на РМ, директори на посебните училишта и специјалните центри за рехабилитација, претседатели на здруженија, асистенти на факултетот за дефектологија и студенти.

Тркалезната маса ја отвори министерот за труд и социјална политика, господинот Диме Спасов, со осврт на постигнатите резултати на полето на правата на лицата со инвалидност. Свои обраќања имаа и ректорот на УКИМ, проф. др. Велимир Стојковски и деканот на филозофски факултет, проф. др. Горан Ајдински. Подоцна свои презентации имаа и раководителот на Институтот за дефектологија, проф. др. Зора Јачова, на тема: Креирање на инклузивната култура во РМ; Бранимир Јовановски, на тема: Одржлив развој, ветување на технологијата и Дејан Ѓорѓиевски, претседател на НСИОМ, на тема: Осврт на законската регулатива за лицата со инвалидност на РМ.

 

Во рамките на тркалезната маса се одржа и доделување на годишните награди од фондацијата Проф. др. Љупчо Ајдински за постигнатите резултати на одредени полиња во работата за згрижување и рехабилитација на лица со инвалидност и первазивни развојни нарушувања, на поединци и здруженија.

Со големо задоволство би сакале да истакнеме дека на здржението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „Во мојот свет“, му беше доделена годишната награда на полето на заштитата, образованието, рехабилитацијата и општествено афирмирање на лицата со аутизам во РМ.

Во продолжение на тркалезната маса меѓу присутните се разви плодна дискусија на повеќе теми од областите на законската регулатива и поголема грижа и вработување на лицата со инвалидност.

 

Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „Во мојот свет“ изразува задоволство и благодарност за поканата на организаторот да земе учество на тркалезната маса организирана по повод 3-ти декември – меѓународниот ден на лицата со инвалидност и даде свој придонес во истата. Посебна благодарност здружението изразува до фондацијата Проф. др. Љупчо Ајдински, за укажаната чест и доделена награда.