ПРОЕКТ: ВОЛОНТЕРИЗМОТ ВО СЛУЖБА НА АУТИЗМОТ-VOL. 2

amaja1

По успешно реализираниот проект „Волонтеризмот во служба на аутизмот“ на доделен грант од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност на РМ (прогласен за еден од најуспешно имплементираните проекти во 2013 година ) здружението ВО МОЈОТ СВЕТ успешно го имплементираше и неговиот втор дел кој дојде како логично продолжение на оваа успешна приказна која поттикна голем интерес во јавноста. Проектот „Волонтеризмот во служба на аутизмот-Vol. 2“ беше реализиран во периодот од 4-11 Јули 2014 година, во Струга, а овој пат приказната ја продолживме во пообемна форма, со учество на 6 држави: Словенија, Хрватска, Романија, Турција, Бугарија и Македонија. Со помош на нашите соработници Волонтерскиот Центар Скопје и нивниот искусен тим од областа на волонтеризмот и неформалното образование здружението ја спроведе главната цел на проектот: воспоставување корелација и ставање на волонтеризмот во подршка и помош на лицата со аутистичен спектар. Додека минатогодишниот проект беше со теоретска основа, за подигање на јавната свест, вториот дел од проектот содржеше и практична работа на волонтерите со лица со аутистичен спектар. За успешно усвојување и запознавање на карактеристиките на аутистичниот спектар и методите и интервенцијата кон овие лица се погрижија нашите соработници од Хрватска, тимот на здружението „Ангели“ од Сплит кои со демонстрација и показни вежби ги воведоа партиципантите во начинот на работа со оваа категорија на дечиња.

Стекнатите вештини волонтерите имаа можност да ги применат при еднодневната посетата на Дневниот центар за деца со аутизам во Скопје каде практично работеа со присутните дечиња.

Во тек на реализацијата на проектот учесниците беа примени и од г-ѓата Маја Иванова, повеќегодишен подржувач и покровител на здружението, на свечен прием во претседателската вила во Охрид каде поединечно беа претставени, а г-ѓата Маја Иванова беше запознаена со целите на проектот и тековните активности на учесниците.

Исто така учесниците во проектот на покана од општина Охрид остварија средба со претседателката на советот на општина Охрид г-ѓата Гордана Коњаноска и заменик градоначалникот г-нот Ангел Јанев каде покрај претставувањето на учесниците и нивните здруженија се разви дискусија и за состојбите со аутистичен спектар во земјите од регионот.

Здружението ВО МОЈОТ СВЕТ го изразува своето задоволство од успешно реализираниот проект кој помина во пријатна работна атмосфера, со максимална ангажираност и одговорност на учесниците, сплотени во нивната тимска работа. Сето тоа допринесе да учесниците преку размена на искуства и демонстрација на техники за работа се стекнат со нови знаења и вештини кои беа применети и во пракса, со што го издигнаа проектот на повисоко ниво.

За успешната реализација на проектот ВО МОЈОТ СВЕТ искажува голема благодарност до сите компании од бизнис секторот на РМ кои со својата подршка и донации уште еднаш ја искажаа својата корпоративна одговорност: Подгорка, Даути комерц, Метро, Виталија, Кам маркет, Тинекс маркети, Мак прогрес, Вивакс, Алкалоид, Mama`s, Руле турс, Галеб Охрид, Подравка…

Посебна благодарност здружението искажува до г-ѓата Маја Иванова, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност на РМ, Министерството за труд и социјална политика, Општина Охрид како и Делегацијата на ЕУ во Р. Македонија.