Дружење во Зоо Скопје со Арс Либрис

book

Арс Либрис, Здружението „Во мојот свет“ и Скопје ЗОО
Во заедничка акција за децата со аутизам

Како дел од акцијата за помош на децата со аутизам, издавачката куќа Арс Либрис во соработка со здружението за третман на лицата со Аутизам, АДХД и Аспергеров синдром ВО МОЈОТ СВЕТ и скопската Зоолошка градина, организираат настан за подигнување на јавната свест околу аутизмот во Македонија, како и за помош на децата со аутизам од социјално загрозените семејства.

 Имено, оваа сабота и недела, од 11.00 до 14.00 часот во скопската зоолошка градина, посетителите ќе имаат можност да се запознаат со предизвиците на оваа состојба и да разберат што е она што се случува во умот на едно аутистично дете. Одговори на овие прашања дава Наоки Хогашида, во книгата „Зошто сакам да скокам“, која претставува вистинска лична приказна на ова тринаесетгодишно аутистично дете од Јапонија. 

Книгата е еден вид на мемоар, во кој Наоки демонстрира како аутистичниот ум размислува, чувствува, гледа и реагира, на начин кој само неколку од нас можат да си го замислат. Преку 58 прашања – и исто толку одговори, Наоки нè воведува во својот свет: Зошто зборувате толку гласно? Зошто постојано ги повторувате истите прашања? Зошто плескате со рацете? Зошто помните возни редови? Календари? Зошто толку сакате да се вртите и скокате?Родители и членови на семејствата кои никогаш претходно не ни мислеа дека можат да навлезат во главите на нивните аутистични деца, сега имаат можност да го погледнат нивниот свет одблизу. Книгата на македонски јазик е во издание на Арс Либрис, а приходите од продажбата на книгата се наменети за помош на децата со аутизам од социјално загрозените семејства.

Семејствата и децата со аутизам од здружението „Во мојот свет“ во недела (15 Јуни) во 12 часот ќе ја посетат зоолошката градина, и ќе имаат бесплатно возење на вовчето и јавање на пони, активности кои досега се покажале како особено корисни во третманите на аутизмот.

Ве покануваме и вие да се вклучите во оваа хуманитарна акција! Посетете ја зоолошката градина овој викенд, прочитајте ја книгата „Зошто сакам да скокам“ и донирајте за децата со аутизам!