Работна посета на Софија, Р. Бугарија

f1

Здружението ВО МОЈОТ СВЕТ во соработка со своите партнери од Бугарија „Чекор за невидливите деца на Бугарија“ организираше семинар на тема „Методи за работа со децата со посебни потреби“. Семинарот се одржа во импозантната софиска болница Токуда, а здружението ВО МОЈОТ СВЕТ како акредитиран субјект за организирање обуки по сензорна интеграција Jean Ayres SIAT ја донесе г-ѓата Kristiane Kull Sadacharam, шеф на одделението за работна терапија на детскиот центар во Минхен, раководител на SIAT програмата за усовршување и лиценциран тренер од Ayres клиниката во Калифорнија, САД. Г-ѓата Kull имаше опширно целодневно излагање пред присутните 420 партиципанти на семинарот за методите на Сензорната интеграција кои успешно ги применува во долгогодишната работа.

На семинарот до присутните гости свое обраќање имаа и многу истакнати и јавни личности од политичката сцена во Р. Бугарија, како и личности инволвирани во работа со деца со посебни потреби. Присутните ги поздрави и им се обрати и претседателот на здружението ВО МОЈОТ СВЕТ, г-нот Златко Стојановски, кој говореше за состојбите во РМ по однос на аутистичниот спектар и за досегашната работа на здружението. Исто така здружението оствари контакти и размени мислења со градоначаничката на Софија, г-ѓата Јорданка Ф`ндакова околу состојбите со третманот на аутизмот во двете соседни земји. Со големо задоволство г-ѓата Ф`нданова информираше дека градот Софија доделил простор од 1.500 м2 и годишен буџет на здружението за работа со деца од аутистичен спектар.

Не помалку креативна беше и средбата и разговорите со пратениците во бугарскиот парламент: г-ѓа Ирена Соколова-психолог од групата за образование и парламентарецот Калин Терзиски-психијатар и современ писател чии книги се преведени и на македонски јазик. Разговорите со парламентарната група беа во насока на размена на искуства помеѓу двете држави околу законската регулатива на лицата со аутистичен спектар како и нејзино прилагодување на законите на Европската Унија кои се однесуваат на оваа група на граѓани.

Од сите водени разговори со градоначалничката на Софија, двете здруженија како и со парламентарната група од Р. Бугарија беше предложено основање на Балканска Унија на здруженија кои го третираат проблемот со аутистичниот спектар за потесна и поуспешна соработка и меѓусебна размена на искуства и практика.

На семинарот покрај претставниците од здружението ВО МОЈОТ СВЕТ присуствуваа и стручни лица од Македонија од ПОУ Маца Овчарова од Велес како една од поистакнатите институции во државата која работи со децата со посебни потреби. Здружението ВО МОЈОТ СВЕТ го изразува своето задоволство од успешно реализираниот семинар и неговата масовна посетеност, а воедно се заблагодарува на топлиот прием од своите партнери од Р. Бугарија и за укажаната чест.