Епидемиологија на аутизмот

autismdice

Епидемиолошки пристап на аутизмот
-проф. д-р Милка Здравковска
Аутизмот и аутистичниот спектар на нарушувања се релативно нова содржина во епидемиологијата на незаразните заболувања. За аутистичните пречки во контактите свои сознанија реферира Канер Л. Во 1943 год. но неофицијално, епидемиолошките студии започнуваат со Лотер В. кон средината на шеесетите години на 20-иот век во Англија. До денес аутизмот во светот е сеуште на ниво на утврдување на стапките на инциденца и преваленца, со исклучок на мал број-воглавном високоразвиени земји, каде се спроведени епидемиолошки студии за етиологијата, категорискиот дијагностички пристап и опис на заболените според одредени демографски и клинички варијабли од интерес. Овие студии се варијабилни во однос на применетата методологија на работа, големината на примерокот, дијагностичките критериуми, како и терминологијата за модалитетите на аутизмот и аутистичниот спектар на нарушувања, а споредувањето на резултатите е дискутабилно.

Според актуелната десетта ревизија на Меѓународната класификација на болести, повреди и причини за смрт (МКБ 10), аутизмот е ставен во категоријата на первазивни развојни пореметувања со шифра F84, група во која влегуваат: аутизам во детството-F84.0, атипичен аутизам F84.1, Ретов синдром F84.2, други дезинтегративни пореметувања во детствотоF84.3, пореметување со хиперактивност поврзано со душевна заостанататост и стереотипно движење F84.4, Аспергеров синдром-F84.5.

Истражувачките активности поврзани со аутизмот и аутистичниот спектар на нарушувања стануваат се поинтензивни и постои тенденција за нивно централизирано раководење од страна на СЗО. Посебно се инсистира на вклучување на земјите во развој и земјите од третиот свет (Азија, Африка), при што од разни популации се очекуваат резултати за екстремни варијации на фреквенциите на болеста, со што ќе се стимулаираат понатамошни истражувања на генетските фактори и оние од животната средина.

Истражувајќи ја развојната тенденција на аутизмот, Марк Ф. Блаксил нагласува дека во Америка стапката на преваленца на аутизмот е покачена од 3/10 000 во 1970 година до повеќе од 30/10 000 деца во 1990 година (пораст за 10 пати). Во Англија авторот регистрира покачување на преваленцата на аутизмот од 10/10 000 во 1980 година на 30/10 000 деца во 1990 година. Во испитуваниот период преваленцата на аутизмот и аутистичниот спектар на нарушувања заедно пораснала од 5-10/10 000 на 50-80/10 000 деца во двете земји.

Во 2003 година Ерик Фомбон објавил дека во периодот од 1966 до 2001 година во Англија се спроведени 32 истражувања за аутизмот и аутистичниот спектар на нарушувања, при што се забележува преваленца на сите первазивни развојни пореметувања заедно од 30 до 60/10 000 деца. Што се однесува до Аспергеровиот синдром нема точни податоци, но се смета дека се јавува кај 2,5/10 000 деца.

Голем број на епидемиолошки студии потврдуваат дека аутизмот и аутистичниот спектар на нарушувања многу повече се регистрираат кај машките деца и односот е 3:1 или 4:1 во однос на женските деца. Последнава деценија дијагностичките критериуми покажуваат дека аутизмот се појавува пред третата година, но сепак просечната возраст за препознавање и дијагностицирање на болеста е близу навршени четири години.

Во Јапонија е следена кохорта на деца родени во периодот 1988-1996 година при што е регистрирана инциденца на појавата на аутизам од 19,6/10 000 деца, кај родените во 1988 година и инциденца од 81,4/10 000 деца кај родените во 1996 година. Периодичната преваленца во испитуваниот период изнесувала 50,3/10 000 деца.

Во Скандинавските земји за период од 20 години преваленцата на аутизмот се зголемила од 4-5/10 000 до 10-20/10 000 деца.

Очигледно е дека бројот на регистрирани случаи со аутизам во светот расте по 1990 година, односно 2000 година. Прашањето е дали заболувањето навистина е во толку голем пораст или пак вака зголемените преваленци се должат на промените во дијагностичката пракса, достапноста на специјализирани установи за дијагностика, прифаќање и работа со аутистичните лица, како и сензибилизираноста на јавноста и надлежните државни авторитети за аутизмот и аутистичниот спектар на нарушувања како како јавно-здравствен проблем.

Во Република Македонија првата епидемиолошка студија за аутизмот започнала во 2000 година. Од истражувањето било заклучено дека преваленцата на раниот детски аутизам кај нас изнесува 0,25/10 000 деца, што е значајно помалку во однос на развиените европски земји и Америка. Денес оваа бројка е веројатно далеку под реалната, но за жал, во релевантните здравствени институции во Македонија не постои официјален податок за тоа колкав е бројот на деца и возрасни лица со аутизам. Несомнено тоа се должи на немање на национален регистар како и систем на организирана заштита, едукација, рехабилитација и социјализација на оваа ранлива и маргинализирана популација. Неопходно е, од една страна да се анимираат јавноста, здравствените и државните авторитети, а од друга страна да се спроведат описни и аналитички епидемиолошки студии, како и студии за проценка на тераписките и превентивните програми за децата и лицата со аутизам.