ПРОЕКТНИ АКТИВНОСТИ ВО 2012-ТА

1. Годишно собрание

Здружението ВО МОЈОТ СВЕТ на ден 14.03.2012 (прв роденден на здружението) одржа свое прво годишно собрание на кое покрај управниот одбор присуствуваа членови, родители и волонтери на здружението. На собранието беше направена ретроспектива на едногодишната работа на здружението и беа изнесени заклучоци, насоки во кои ќе делува здружението и сугестии од членството и родителите.

2. Кампања: ЕДЕН СВЕТ ЗА СИТЕ

По повод 2-ри Април, меѓународниот ден на аутизмот здружението одлучи да го прогласи месец април за месец на аутизмот во РМ и поведе кампања под името ЕДЕН СВЕТ ЗА СИТЕ со однапред осмислени и организирани активности. Целта на кампањата беше да се подигне јавната свест и корпоративната одговорност за аутистичниот спектар на нарушувања. Во кампањата беа вклучени разни институции, субјекти, здруженија и поединци за подршка и масовност на истата. Од настаните кои беа реализирани ги издвојуваме:

  •  учество на фудбалскиот турнир во организација на Македонското Научно Здружение за Аутизам
  •  одбележување на меѓународниот ден на аутизмот на плоштад Македонија во Скопје со учество на музички ѕвезди, претставници на институции, министерства, здруженија,  дечиња и родители. Настанот беше под покровителство на г-ѓа Маја Иванова, со подршка од општина Центар и град Скопје, а во соработка со Македонското Научно Здружение за аутизам. Здружението издејствува кај надлежните фонтаната „Воин на коњ“ да биде обоена во сино (бојата на аутизмот) со што и нашата држава се приклучи кон светски познатата кампања LIGHT IT UP BLUE кога истакнати објекти и знаменитости на држави и градови се осветлуваат во сино по повод 2-ри април.
  •  во соработка со општината Аеродром здружението организираше хепенинг во паркот „Јане Сандански“ со учество на детски музички ѕвезди и изведби на дечиња од градинките Срничка и Буба Мара од Аеродром. Беа поделени и информативни флаери за здружението и аутистичниот спектар на нарушувања.
  •  по истиот пример на соработка овој пат со општината Карпош и градоначалникот здружението одржа хепенинг во салата на општината. Настап на детските музички ѕвезди од Златно славејче, кореографија и изведба на дечињата од градинките Мајски цвет, Пролет и Распеана младост, дружење со родители и дечиња. Во вториот дел од настанот се одржа мини сликарска колонија со учество на реномирани и светски познати македонски уметници кои своите дела ги донираа на здружението.
  •  во рамките на кампањата здружението организираше хуманитарен коктел во фоајето на Македонската Опера и Балет каде беа поканети претставници на дипломатскиот кор во РМ, претставници на министерства и институции, бизнис сектор, научни работници и стручни лица со кои соработува здружението. На коктелот беа доделени 3 награди-статуетки со логото на здружението за особен придонес во борбата со аутизмот. Добитници на наградите за 2012 беа: г-ѓа Маја Иванова за покровителство и особен придонес во работата на здружението, г-динот Пол Д. Волерс, амбасадор на САД во РМ за неговите заложби како најистакнат странски претставник и професорот Љупчо Ајдински, пионер и доајен во областа на аутистичниот спектар на нарушувања во РМ. Плакета-благодарница беше доделена и на Елизабет Шефер, окупационен терапевт за нејзината соработка со здружението и особен придонес во третманот на лицата со аутизам.
  •  на крај на кампањата во соработка со клиничката болница Систина Аџибадем се организираше предавање за родители и стручни лица од д-р Џем Киначи, светски познат експерт од областа на аутизмот.

 3. Отворена телефонска линија за донација во Т-мобиле

 Здружението ВО МОЈОТ СВЕТ во соработка со Т-мобиле отвори посебна линија за донација (070 14 34 14) за собирање средства кои ќе бидат употребени за помош на родители со деца со аутистичен спектар на нарушувања за дефектолошки и логопедски третман.

 4. Учество на трибина на ОРТ

Здружението учествуваше на „Меѓународниот саем на идеи и обука за еко социјално претприемништво и нови работни места за непрофитни организации“ во организација на ESENSEE (мрежа за еко социјална економија за југоисточна Европа), по покана од македонскиот партнер на ESENSEE (ОРТ-Македонија).

 5. Учество на работилница на AEIF

Здружението зема активно учество на дводневната работилницата од AEIF проектот (Alumni Innovation Engagement Fund Project) под наслов „Еднаков пристап до едукативните сервиси за лицата со посебни потреби“ што се одржа на Машинскиот факултет во Скопје каде беше одржана координативна средба со дискусии и размена на искуства на учесниците на работилницата. Притоа посебен дел беше одвоен за темата која ја обработува здружението, со поширок осврт од страна на стручните лица на здружението.

 6. Животно осигурување Здружението направи напори и успеа во преговорите со неколку осигурителни компании, за првпат во РМ да обезбеди поволни пакети за животно осигурување на лицата со аутистичен спектар на нарушувања и Даунов синдром.

 7. Прошетка во Зоолошка градина-Скопје Во соработка со Зоолошката градина во Скопје здружението по повод 8-ми Септември и роденден на жирафата во Зоолошката градина организираше дружење и прошетка на своето членство. Овој настан опфати и возење со детскиот воз и јавање на пони-коњчето.

 8. Хуманитарен медиа настан На 20.09.2012 на плоштад Македонија во Скопје се одржа мултимедијален хуманитарен настан во организација на македонско-американската алумни асоцијација како завршен дел од меѓународниот проект „Еднаков пристап до едукативните сервиси за лицата со посебни потреби “. Проектот се работеше од 2011 година, а здружението ВО МОЈОТ СВЕТ кое исто така беше беше дел од соработката зема значајно учество во осмислувањето и логистиката на целиот настан.

 9. Дружење со Медо Штедо По повод месецот на штедење (Октомври 2012) и одбележувањето на Светскиот ден на штедењето (21 Октомври) здружението ВО МОЈОТ СВЕТ во соработка со Шпаркасе банка-Македонија организираше за своето членство и членовите на нивните семејства отворена промоција на детското штедење „Медо Штедо“ која се одржа на ден 23.10.2012 година во игротеката „Кидс Ленд“ во ТЦ Рамстор. На овој настан присуствуваа исклучително голем број на членови и подржувачи на здружението.

 10. Семинар со стручни лица од Република Бугарија Во соработка со амбасадата на Република Бугарија во РМ здружението ВО МОЈОТ СВЕТ организираше и спроведе успешен еднодневен семинар за родители и стручни лица од областа на аутистичниот спектар на нарушувања. Семинарот под работно име „Раната дијагноза и улогата на родителите во подобрување на состојбите во општеството кај семејствата со аутистичен спектар“ се одржа на ден 27.10.2012 година во просториите на клиничката болница Аџибадем Систина со присуство и уводно обраќање на амбасадорот на Република Бугарија во РМ г-нот Иван Петков и амбасадорот на САД во РМ г-нот Пол Д. Волерс. На семинарот предавачи беа д-р Десислава Иванова, врвен експерт по дијагностика, терапија и превенција на аутизам во Република Бугарија, г-ѓа Владислава Цолова, родител и претседател на фондација од Република Бугарија и д-р Маргарита Белчовска од Скопје, директор на логопедско-дефектолошкиот центар „Мегалогомед“.

11. Прослава на Новата 2013 година и донација на пакетчиња Традиционално здружението во соработка со Зоолошката градина-Скопје го собра своето членство во едукативното катче и со богата музичка програма и настап на детски музички ѕвезди донираше новогодишни пакетчиња на лицата со аутистичен спектар на нарушување и нивните семејства.